english

ЕТИКА ВО БИЗНИСОТ

    Недостатокот на јасни регулативи за „правилата на игра“ за водење бизнис доведоа до бројни негативни импликации за бизнисите во Р. Македонија. Оваа практика е типична за сите стопански субјекти како домашни така и странски. Сфаќањето дека во Македонија сè е дозволено е широко распространето: злоупотреба на монополска позиција, непочитување на законите и регулативите, отсуство на ефикасна контрола и казнени механизми, недостаток од јасни и транспарентни процедури кои го регулираат комерцијалниот, технолошкиот и процесот на приватизација и инвестиции. Нашите компании се сè уште многу далеку од веќе прифатените меѓународни сатандарди. Осумгодишното искуство на Junior Achievement во работата со младите несомнено го потврдува сознанието дека е подобро превентивно да дејствуваме и да креираме работна сила на 21 век која спремно ќе ја води нашата земја во посветла иднина.
    Нашата стратешка определба за примената на принципите за етика во бизнисот е дека со едукација за етиката мора да се започне уште во училишната клупа. Само така за неколку години зборот БИЗНИС ќе звучи како и во другите развиени економии.
    Проектот Етика во бизнисот се одвива преку интернет порталот www.ja-global.org достапен за сите 112 земји членки на Junior Achievement Worldwide. Во текот на 4 месеци се предвидува имплементирање на Програмата Етика во бизнисот. Центарот за Етика во Вашингтон, САД, го има креирано курикулумот на програмата Етика во бизнисот за потребите на програмата Junior Achievement.
    Помеѓу часовите, учениците ќе треба да имаат пристап до компјутер со интернет врска. Тоа ќе им овожможи да ја прочитаат следната лекција - проблем, да направат самотестрирање, одговорат на некои прашања и да комуницираат со својот глобален партнер за таа недела. Секоја група ќе биде поделена на подгрупи составени од 3-5 ученици. Секоја група ќе одреди свој лидер кој мора добро да го владее англискиот јазик кој ќе им помага на другите ученици во нивната глобална комуникација. Интернет базираната програма автоматски ќе им додели на секоја група глобален партнер од друга земја. До крајот на програмата секој ученик ќе комуницира со своите врсници од најмалку 12 земји.
    Взаемната комуникација со глобалниот партнер ќе им овожможи на учениците да ги откријат сличностите и разликите помеѓу различните култури, здобивајќи се со разбирање за тоа како универзалните вредности се сфаќаат ширум светот. Учениците комуницираат со другите ученици од други земји проширувајќи ги своите перспективи за етиката и разбирање помеѓу различни култури. Наставата ќе ја спроведуваат обучени наставници во присуство на бизнис консултант кој ќе служи како ментор . Секоја недела на учениците ќе им биде доделен партнер со кого треба да комуницираат и да дискутираат на зададената тема за таа недела. Имено, етичкиот проблем е една етичка приказна која ќе им помогне на учениците да донесат различни етички одлуки, и да ја видат етиката во акција, бидејќи овие проблеми симулираат проблеми од вистинскиот живот. Секоја недела учениците ќе траба да решаваат нов проблем и да донесуваат одлуки.
    Друг важен елемент на оваа програма е дикусијата во рамките на секоја група, што им овозможува да ги изнесат своите размислувања, разменат идеи и да стекнат разбирање за одреден проблем.
    Во текот на овој курс секој ученик ќе биде поттикнат да ги анализира своите лични уверувања, вредности и карактер со решавање на секој нов случај.
    Можноста учениците од различни култури да се соочуваат едни со други, да ги разменуваат своите гледања во различни етички ситуации ќе им овожможи на учениците да ја уочат разликата помеѓу различните култури. Така на пример на една меѓународна ученичка конференција еден ученик од Германија навел дека помегу другите етички принцип е и принципот „да се биде на време“. Според негово размислување доколку личноста не дојде на време на закажаниот состанок претставува израз на непочитување кон неа. Според толкувањето друг ученик од Бразил, во неговата земја времето се зема како многу флексибилна категорија и ретко кој пристигнува на време на закажан состанок. Ова укажува како универзалните вредности можат да варираат од земја до друга.
    Етиката во бизнисот денес е дел од модерниот бизнис менаџмент и дел од општеството во целост. Заради важноста на етиката во бизнисот, таа ќе се изучува како етика помеѓу стопанските ентитети и етика помеѓу бизнисите и Владата, опфаќајќи ги следниве програмски подрачја: Што е етика, Универзални вредности, Лични вредности, Корупцијата - проблем на општеството, Транспарентност на јаваната администрација, Етиката - како превентива за корупцијата, Конфликт на интереси, Медиумите и нивната улога во спречувањето на корупцијата, Контролата и нејзината улога во борбата против корупцијата.

ЦЕЛИ И ЗАДАЧИ НА ПРОЕКТОТ

  •  Градење на свест за етиката.
  •  Охрабрување на навиката за етичко однесување во бизнисот.
  •  Промоција на униврзални вредност.
  •  Поттикнување на комуникацијата помеѓу учениците на глобално ниво, кое резултира со проширување на перспективи и кршење на предрасуди.
  •  Воведување на морални одлуки кај младите.
  •  Развивање на вештини за тимско работење.
  •  Идентификување на можни алтернативи и решенија за идентификуваните проблеми.
  •  Вклучување на етиката во сите нивои на образование.
  •  Јакнење на интеретничкиот дијалог преку формирање на мешовити групи.
  •  Демократизирање на односите во општеството (соработка, толеранција, взаемно почитување).

ОЧЕКУВАНИ РЕЗУЛТАТИ

По учеството во програмата Етика во бизнисот учениците ќе имаат можност да:

  •  ја дефинираат етиката
  •  ги препознаат своите лични вредности и основни вредности
  •  го објаснат рационалното однесување и ефектот врз донесените одлуки
  •  применат модел на морално донесување на одлуки според сценариото кое се јавува во бизнисот или на училиште
  •  развијат лични максими кога ќе се соочат со етички дилеми
  •  им помага на учениците да ги совладаат вештините на меѓусебна комуникација и стратегии за решавање на проблеми со врсниците од други националности
  •  одредат дали одлуката е етичка
  •  идентификуваат етички дилеми
  •  ја зголемат врската помеѓу универзалните вредности и етичките донесените одлуки
  •  ја објаснат улогата на личните вредности, традицијата, културата и заедницата при обликувањето на вредностите
  •  ја оценат врската помеѓу бизнисите и општеството и одбранат нивните позиции
  •  одредат и комплетираат список на нивните обврски во училиштето
  •  го оценат ефектот од глобализацијата на универзалните вредности и етиката
  •  ги предвидат ефектите од етиката врз нивната иднина
  •  ја оценат сопствената етичка сила и предизвици
  •  ја оценат важноста на етиката
  •  подобрување на меѓуетничката толеранција
© JA Macedonia, 2005.